|
ЗА ДА СЕ СОВЛАДА БРЗО ЧИТАЊЕ ПОТРЕБНА Е ГОЛЕМА ЕНЕРГИЈА И МНОГУ ВНИМАНИЕ...СЕПАК, ЕДНА ОД МОИТЕ ВРЕДНОСТИ Е ПОСТОЈАНО УЧЕЊЕ!
Дејан Спасески е ИТ менаџер но на сите ни е попознат како координатор на Водичот за НЕФОРМАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ (www.no.net.mk) кој секој понеделник не информира целосно за понудата на сите обуки со цел поддршка на неформалното образование во Македонија. Една од неговите животни вредности е постојано учење. На брзото читање гледа како на алатка која му помага во менаџирање на времето за работа и учење.
ИН ОПТИМУМ: Која беше вашата мотивација да научите брзо читање?
ДЕЈАН: Една од главните вредности во мојот живот е постојано учење и доживотна едукација. Оттука и желбата и потребата за постојано читање секаков вид литература, а особено бизнис литература и книги за личен раст и развој.
ИН ОПТИМУМ: Како од перспектива на вашата професија ја гледате вештината брзо читање?
ДЕЈАН: Информатичката технологија денес се развива со огромна брзина во повеќе правци. Тоа бара секојдневно следење на новостите заради надоградување на знаењето. Вешината брзо читање ми помага да ми остане доволно време за завршување на преостанатите обврски и полесно да го менаџирам работното време.
ИН ОПТИМУМ: Што најмногу ви се допадна за време на семинарот?
ДЕЈАН: Едната од работите која ми се допадна е фокусот пред читањето. Втората работа која ми се допадна е тренирањето на умот за брзото читање, кое на почетокот се фокусира на читање на што поголем број зборови, без да се обрне внимание на разбирањето на содржината, на што пак се обрнува внимание во вториот дел. Ваквиот начин на тренирање на умот ме воодушеви, затоа што тоа беше моментот кога го променив мојот ментален пристап во читањето и со што по завршување на семинарот кај мене целосно се промени начинт на читање воопшто.
ИН ОПТИМУМ: Функционираат ли техниките за брзо читање?
ДЕЈАН: Техниките на брзо читање функционираат и доброто кај нив е што различна техника може да се примени на различни формати и големини на текст кој го читаме. Со техниките особено уживам при читање на дневни весници или при читање статии на интернет.
ИН ОПТИМУМ: На кого би го препорачале овој семинар?
ДЕЈАН: Би го препорачал на сите оние кои сакаат многу да читаат, а постојано го имаат чувството дека немаат доволно време за читање.
ИН ОПТИМУМ: Каков беше вашиот став кон брзото читање?
ДЕЈАН: Пред почетокот на семинарот кај мене постоеше мала скепса заради рационалноста кај мене како личност. Постоеше мал страв дека техниките на брзо читање нема да ги сфатам доволно добро, што би резултирало со отпор и потешко совладување на техниките. Спротивно од ова, на семинарот најголем дел од времето беше посветен на совладување на техниките на брзо читање.
ИН ОПТИМУМ: Каков е сега?
ДЕЈАН: На брзото читање сега гледам како алатка која ми помогна да бидам порелаксиран и поопуштен во вршењето на секојдневните обврски.
ИН ОПТИМУМ: Што би издвоиле како плус а што како минус при совладувањето на брзото читање?
ДЕЈАН: Како позитивна работа при совладувањето на брзото читање би го издвоил тоа што со совладувањето на техниките се менува традиционалниот начин и пристап кон читањето. Ова помага во иднина полесно да промениме други наши навики стекнати во раното детство или наметнати од околината. Како минус би го издвоил тоа што за совладување на техниката е потребна огромна енергија и напор, со што се докажува дека нема ништо лесно во животот.
ИН ОПТИМУМ: Кои се според вас разликите помеѓу традиционалното и брзото читање?
ДЕЈАН: Главната разлика со традиционалното читање е задржувањето на секој одделен збор во реченицата и изговарањето во себе на секој збор одделно. Сметам овие два сегменти заедно со фокусот се клучните разлики на брзото од традиционалното читање.
ИН ОПТИМУМ: Како сте задоволни од резултатите?
ДЕЈАН: Секое мало напредување, за мене претставува успех. Резултатите од оваа вештина се поголеми одошто очекував пред посетување на семинарот.
ИН ОПТИМУМ: И за крај, како вие би го опишале некому семинарот и вештината брзо читање?
ДЕЈАН: Семинарот за брзо читање треба да го гледате како краток курс со кој треба да ја совладате вештината за брзо читање. Бидејќи се работи за вештина, потребно е за време на курсот интензивно да се посветите на совладување на вештината за што ќе ви биде потребна и голема енергија и многу внимание. Добрата страна е што како изминува семинарот, се зголемува чувството дека ја владете вештината и на крајот на семинарот ќе можете сами да ја практикувате вештината. Понатаму, доволно е редовно да читате за да се одржувате во кондиција.
|